Service Tasmania

Дознајте како да пристапите до владини услуги користејќи ја интернет-страницата Service Tasmania.

Што можат да направат владините услуги за мене?

Освен за да управувате со вашите лични податоци, можете да ги користите владините услуги за да:

  • заштедите пари пријавувајќи се за попусти
  • се пријавите за попусти или картички за попусти
  • најдете загубени пари
  • да проверите кога треба да ја обновите регистрацијата на вашето возило.
Интернет-страница на Service Tasmania

Како можам да пристапам до електронските услуги во Тасманија?

За жителите на Тасманија, интернет-страницата за владини услуги е наречена Service Tasmania. За да ја посетите, напишете service.tas.gov.au во адресната лента на веб-прегледувачот на вашиот компјутер.

Ако ви треба помош со интернет-страницата, можете да се јавите на 1300 13 55 13 од 8 до 17 часот во работни денови.

Service Tasmania и вашите лични податоци

Можеби ќе треба да внесете лични податоци кога:

  • плаќате за нешто, на пример регистрација на возило
  • се пријавувате за олеснување или попуст
  • пополнувате на електронски образец, како образец за промена на адреса.

Личните податоци што треба да ги дадете зависат од услугата што ја користите.

Можете да прочитате повеќе за ова на интернет-страницата Заштита на лични информации на Тасманиската влада.

Што да правите ако се загубите

Ако не сте сигурни каде се наоѓате на интернет-страницата, кликнете на зборовите Service Tasmania што се наоѓаат во горниот дел на страницата. Ова ќе ве врати назад на почетната страница на service.tas.gov.au.

Кликнете на логото на Тасманиската влада (Tasmanian Government) за да одите на tas.gov.au и да дознаете повеќе за самата влада. На оваа страница, можете да кликнете на Service Tasmania Online за да се вратите на service.tas.gov.au.

Како да ја користите Service Tasmania за да добиете пристап до основни услуги

За да пристапите до некоја услуга, прелистајте надолу по почетната страница на Service Tasmania за да видите список со категории. Кликнете на категоријата за да ја отворите нејзината страница. Еве неколку примери за категории:

  • раѓања, смртни случаи и бракови
  • закон и полиција
  • транспорт
  • домување и имот
Понекогаш ќе бидете пренасочени на услуги вдомени на други владини интернет-страници. Можете да го забележите ова кога адресата во адресната лента на вашиот прегледувач ќе се измени. Ако во моментот не сакате да се префрлите на друга интернет-страница, кликнете на копчето Назад (Back button) во веб-прегледувачот.

Отпечатете PDF-копија од интернет-страницата Попусти и олеснувања

Можете да добиете PDF-копија (PDF copy) од сите важечки попусти за да ги отпечатите и прочитате.

  • Прелистајте ја надолу интернет-страницата Попусти и олеснувања (Discounts & Concessions) за да го најдете делот Преземете го водичот (Download the guide)
  • Кликнете на копчето Преземи (Download button) на оваа страница за да го прегледате или зачувате водичот
  • Кога ќе ја отворите датотеката PDF на компјутерот, можете да изберете да ја отпечатите.

Како да најдете цени на гориво во вашата близина

Тасманиската влада создаде интернет-страница и апликација наречена Fuel Check Tas, за да ви помогне да ги најдете најниските цени на гориво во ваша близина. Интернет-страницата е fuelcheck.tas.gov.au.

  • Внесете го вашиот поштенски број (postcode) за да ги видите цените на гориво во вашата област
  • Кликнете на Гориво во мојата близина (Fuel near me) за да ги видите цените во близина на вашиот дом.

Верзијата на апликацијата Fuel Check Tas функционира на вашиот мобилен телефон. За поголема безбедност, преземете ја апликацијата од официјалната продавница за апликации за вашиот уред.

За да ја користите Гориво во мојата близина (Fuel near me) ќе треба да се согласите и да ѝ дозволите на Fuel Check Tas да ја гледа вашата локација. Тоа е безбедно, бидејќи интернет-страницата нема да ја зачува кога ќе завршите да ја користите и кога ќе го затворите прегледувачот.

Како да најдете попусти на Service Tasmania

За да најдете попусти на почетната страница на Service Tasmania, напишете попуст (rebate) во Лентата за пребарување (Search bar) во делот Најдете владина услуга (Find a government service).

Резултатите од пребарување (Search Results) ќе ви покажат список со страници во врска со попусти и можете да кликнете на некој резултат од пребарување за да ја посетите таа страница и да дознаете повеќе за тој попуст.

Пожелно е да проверувате редовно, за да видите дали биле соопштени некои нови попусти.

Како да најдете загубени или непобарани пари

Интернет-страницата MoneySmart на Австралиската комисија за хартии од вредност и инвестиции (ASIC) на адресата moneysmart.gov.au ви помага да побарате загубени пари. Ова може да се однесува на загубени банкарски сметки, акции, инвестиции и полиси за осигурување на живот. Интернет-страницата MoneySmart исто така објаснува како да ја користите my.gov.au и ATO за да побарате загубени придонеси за старосна пензија.